Соопштение до јавност „Сложни граѓани, општество градат“

            Соопштение до јавност

 

„Сложни граѓани, општество градат“

 

Денеска светот го одбележува 10-ти декември - Меѓународниот ден на човековите права. Легис како граѓанска организација која овозможува хуманитарна и правна помош на граѓани во социјален ризик и длабока сиромаштија, бегалци и луѓе во миграција ќе го одбележи со почетокот на дигитална кампања за потсетување и поттикнување на граѓаните за потребата од солидарност и меѓусебно помагање особено во услови на тешка хуманитарна криза во која се наоѓа Република Северна Македонија.

Дигиталната кампања се состои од кратки-видео приказни за луѓе кои и во услови на паднемија волонтираат и помагаат на многумина сограѓани да се справат со последиците од истата со тоа што изработуваат и делат заштитни маски, храна, медицинска помош, се залагаат за чиста животна средина или со еден збор, да изградат подобра заедничка иднина.

Преку кампањата со слоган: „Сложни граѓани, општество градат“,  Легис има за цел да ја запознае јавноста со луѓе кои даваат голем придонес во градење на мостови меѓу граѓаните и чии што лични вредности може да служат како инспирација за целото општество.

Кампањата ќе трае 2 месеци и ќе опфати видео и пишани позитивни примери на волонтирање и солидарност во услови на хуманитарна криза за локално население и луѓе во миграција, а ќе биде достапна на социјалните мрежи и официјални страници на Легис. Активностите се дел од Институционален проект на Легис во рамки на програмата за Институционална поддршка на граѓански организации во програмата на Цивика Мобилитас.

За денеска ја претставуваме Санела Качику, волонтерка на Легис која освен што помага на луѓе во социјален ризик, го искористи својот талент за шиење да прави заштитни маски за локално население и да ги дели бесплатно, имајќи предвид дека многу наши сограѓани не можат да си купат заштитни маски во услови на длабока сиромаштија и пандемија.

Честит ден на човековите права и да се потсетиме дека: „Сложни граѓани, општество градат“!