На хартија смеат да работат, но во реалноста тоа е мислена именка. Некои живеат тука и по една година, но сепак, ускратени им се многу есенцијални права. Избегале од матичните држави, а кога дошле во Северна Македонија за да бараат азил, се соочиле со нови предизвици, кои дополнително им го отежнуваат животот.
Неретки се примерите кога барател на азил во земјава кој престојувал во прифатен центар, сакал и да работи. Но, граѓанскиот суд донел негативна одлука, бидејќи тој немал матичен број, а со тоа ниту банкарска сметка.
Законот дозволува учество на пазарот на трудот, но не и регистарскиот систем кој не им дава матичен број на овие лица. Тоа е така затоа што самиот закон во член 61 не предвидува законска можност за одредување на матичен број на барателите на азил, како еден од условите тие да бидат заведени во Агенцијата за вработување на РСМ и да имаат пристап до пазарот на трудот.
Факт е дека Северна Македонија најчесто е транзит-држава за бегалците, со цел да најдат подобар живот во некоја од европските држави. Но, сепак, сето ова не значи дека треба да се запостават лицата кои бараат азил во земјава и нивните елементарни права да бидат ускратени на сметка на долгите процедури и законските недостатоци. Здруженијата и Народниот правобранител се едногласни дека на патот до остварување на функционален правен систем, во голема мера спаѓа и начинот на кој се третираат оние кои не по своја вина, се оставени без соодветни права и заштита.
За повеќе информации, прочитајте на линкот подолу: