„Хрватска отсекогаш негирала за насилни и нелегални операции на сопствената полиција со кои луѓето што бараат азил ги принудувала да ја напуштат“, истакнува Лајтхаус репортс.
Хрватската полиција и официјални лица преку ВацАп група споделува чувствителни информации за мигрантите што се обидуваат да влезат во земјата, објави независен медиум. Лајтхаус репортс (Lighthouse Reports) соопшти дека добиле 60 протечени скриншоти и успеале да идентификуваат 33 учесници во шифрирана чет група користена помеѓу август 2019 и февруари 2020 година.
„Хрватска отсекогаш негирала какви било сознанија за насилни и нелегални операции на сопствената полиција со кои луѓето што бараат азил ги принудувала да ја напуштат ЕУ. Сега можеме да откриеме дека високи хрватски функционери биле дел од тајната група на ВацАп (WhatsApp) каде што се споделувале и охрабрувале такви активности“, истакнува Лајтхаус репортс.
Оттаму објавија дека групата била користена за размена на информации за апсења во Западна Хрватска на над 1.300 лица, главно, од авганистанска, пакистанска и сириска националност.
Во веста се тврди дека ВацАп групата, под назив Коридор II-Запад, била користена од полицијата за лоцирање и фаќање нерегуларни мигранти. Често се споделувале фотографии од поединци со јасно видливи лица.
„Во одредени случаи споделувани се и вознемирувачки фотографии од поединци, а понекогаш и од луѓе принудени да легнат со лицето на земја или од лица што очигледно биле принудени да ги собујат чевлите додека вооружени хрватски полицајци стојат над нив“, се вели во веста.
Групата била искористена и за размена на информации за новинарите што ја посетувале пограничната област.
Хрватските официјални претставници ниту го потврдуваат, ниту го негираат постоењето на ВацАп групата.
„Не можеме да знаеме дали овие пораки се автентични. Коридор II-Запад не е тајна операција. Тоа е акција против шверцерите на мигранти, интензивно во изминатите пет години“, истакна министерот за внатрешни работи, Давор Божиновиќ.
Тој ги негира обвинувањата за малтретирање на мигрантите од страна на полицијата.
Министерството преку соопштение истакна дека групата формирана на ВацАп не претставува одредена нелегална ситуација.
Членката на ЕУ, Хрватска, се вклучи во безвизната Шенген-зона оваа година и постојано се соочува со обвинувања за потиснување на мигрантите на нејзините граници.
Извор: TRT Balkan