Историја

Историја

ЛЕГИС е основан во 2009 година во Скопје, Северна Македонија. Првично, беше формирана како отворен глас на заедницата, споделувајќи ги потребите, презентирајќи ја волјата и барањата на луѓето на организиран начин, со цел да ги промовира човековите права и хуманите вредности преку помагање на ранливото население, на луѓето во потреба и зголемување на општествената свест.

Од 2009 година ЛЕГИС работи на национално и меѓународно ниво, главно во кампањи, собирање и доставување помош до различни региони како што се Босна и Херцеговина (поплави), Газа, Сомалија, Мјанмар, Сирија, Грција и на национално ниво во Македонија (поплави и бегалска криза). До 2015 година, организацијата работеше само на волонтерска основа, со малку активности во текот на секоја година.

Во 2014 година ЛЕГИС беше првата невладина организација која започна да организира итен одговор на приливот на мешаниот миграциски проток на бегалци и мигранти од Блискиот Исток и Африка, обезбедувајќи директна хуманитарна помош, медицинска и правна помош, истовремено подигнувајќи ја свеста и застапувајќи законски измени за релевантното законодавство во Македонија.

Во 2015 година нашите главни активности доаѓаа од грас-рут ниво, бидејќи локалниот одговор на различни точки во Македонија беше организиран и имплементиран од локални волонтери и граѓани кои беа поддржани од ЛЕГИС во смисла на насоки, експертиза и прибирање финансиски средства. Обезбедување хуманитарна помош на различни точки во Македонија преку локални волонтери и мобилни тимови, зајакнување на капацитетите на локални волонтери, поддршка и прекугранично упатување на екстремно ранливи лица, застапување за измена на Законот за азил во Македонија (донесен на 20.06.2015 година) и следењето на кршењето на човековите права од страна на властите (во соработка со HRW и Народниот правобранител) беа нашите најголеми активности во 2015 година.

Во 2016 година организацијата се зголеми и нашата работа се диверзифицира, а покрај веќе споменатите активности што ги одржувавме, започнавме со психосоцијална поддршка и активности за ослободување од стрес на заглавените бегалци и мигранти во двата гранични транзитни центри во земјата, ТЦ Табановце и ТЦ Винојуг, Гевгелија, кампања и активности за промоција на хигиена со посебен фокус на деца, спорт и рекреативни активности, активности за социјална инклузија за жени и девојки, активности со регистрирани баратели на азил, како и инфраструктурно реновирање на Центарот за странци „Гази Баба“ во Скопје. Во соработка со различни невладини организации од балканскиот регион и Европа, ЛЕГИС направи истражување за квалитетот на волонтерската работа во итни случаи, од кој детален извештај и препораки беа објавени во 2017 година.

Во јуни 2016 година, заедно со УНХЦР и МЗМП, ЛЕГИС поднесе предлог за измена на македонскиот Закон за азил, кој од април 2016 година е многу рестриктивен – не дозволува пристап до процедурите за азил на бегалците кои влегуваат од земјите на ЕУ, НАТО и ЕФТА, кои се сметаат за 3. безбедни земји според овој закон. Сèуште не е одговорено на предлозите за измена.

Во август 2016 година, во соработка со УНХЦР и Црвениот крст на град Скопје, ЛЕГИС започна организиран одговор на каналите за нерегуларна миграција во Липковско, со обезбедување основна хуманитарна помош и помош, заштита и упатување на бегалците и мигрантите кои сèуште транзитираат кон Европа. Од август 2016 година за првпат излегуваат официјални дневни извештаи од овој познат канал за шверц и трговија.

Во ноември 2016 година, ЛЕГИС стана официјален партнер на Народниот правобранител за заеднички да работи на подобрување на Националниот превентивен механизам против тортура и да обезбеди поефикасна заштита на правата на притворените бегалци и мигранти.

Во 2016 година, тимовите на ЛЕГИС беа активни во првиот одговор на погодените подрачја од поплавите со расчистување на отпадот и испорака на хуманитарна помош до погоденото население.

Генерално, ЛЕГИС обезбедува помош врз основа на потребите на нашата целна популација, со почитување на човековите права, нашите принципи и принципите на хуманитарната работа и законодавството на Република Северна Македонија.

Share

Signup for Alerts

Aliq is notm hendr erit a augue insu image pellen tes.